Лапорта: Суперлигата е неопходна, големите клубови придонесуваат многу и...

Новиот претседател на Барселона, Жоан Лапорта, по неколкудневниот молк по повод основањето на Суперлигата, конечно проговори и, иако верува дека е потребно тоа натпреварување, убеден e дека ќе се најде решение со УЕФА.

Барселона беше меѓу дванаесетте клубови кои во неделата ја започнаа најголемата бура во историјата на фудбалот. Тие ја основаа Суперлигата и за помалку од 48 часа сè застана и се распадна. Прво излегоа англиски клубови, потоа Атлетико, а Барселона е меѓу клубовите кои сè уште не ја напуштиле таа идеја.

„Треба да бидеме разумни. Оваа лига е неопходна, но нашите партнери ќе го кажат последниот збор. Големите клубови придонесуваат многу и ние треба да го кажеме своето кога станува збор за дистрибуцијата на парите. Мора да има атрактивно натпреварување, кое ќе се заснова на спортски стандарди. Националните лиги сакаме да останат и отворени сме за дијалог со УЕФА.

Потребни ни се повеќе ресурси за да го направиме ова одлично шоу. Мислам дека ќе се најде решение“, рече Лапорта, бранејќи ја идејата за основање на Суперлигата.

Новиот прв човек на Барса донекаде беше поштеден од УЕФА, откако Чеферин изјави дека е најмалку разочаран од каталонскиот гигант, но оваа изјава може многу да промени.