Лапорта потврди: Куман останува на чело на Барселона

Роналд Куман и официјално останува тренер на Барселона. Иако се шпекулираше дека искусниот холандски стратег, по само една година откако го презеде кормилото на Барса, ќе го напушти каталонскиот гигант, сепак тоа нема да се случи.

Оваа информација ја потврди првиот човек на Барселона, Жоан Лапорта. Така, Куман ќе добие уште една шанса да го врати славниот тим од Каталонија на шампионските патеки, откако оваа сезона, пред сè заради бројните финансиски проблеми, ги загуби битките за двата најпрестижни трофеи (Примера и Лигата на шампионите).

58-годишниот стратег ја предводеше Барса на 54 натпревари оваа сезона. Победи на 34, девет пати одиграл нерешено, додека беше поразен 11 пати.

Барса веќе доведе неколку нови имиња за следната сезона, а несомнено најзвучно е Серхио Агуеро, кој како слободен агент се пресели на „Камп Ноу“.