Лапорта: Меси ќе се врати во Барселона? Тоа е нереално

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, изјави дека шпекулациите за можното враќање на Лионел Меси како играч во клубот се нереални.

Запрашан за ненадејната посета на Меси на реновираниот стадион „Камп Ноу“, Лапорта за Радио Каталуња изјави дека сака да организира оддавање почит на легендарниот аргентински фудбалер, но дека навивачите на Барселона не треба да се надеваат на враќање на својот идол.

„Работите не завршија онака како што сакавмее. Ако на некој начин ова оддавање почит можеше да го надомести она што не беше направено, верувам дека би било добро. Но, со огромно почитување што го имам кон Меси, кон сите професионалци во клубот и неговите членови, верувам дека шпекулациите се нереални“, рече Лапорта.

Осумкратниот освојувач на „Златната топка“, кој неволно го напушти клубот во 2021 година од финансиски причини, пред неколку дена ненајавено го посети „Кам Ноу“, стадионот каде што ги забележа најголемите успеси во својата клупска кариера.