Лапорта: Финалето на СП 2030 треба да се одигра на нашиот „Камп Ноу“

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, сака финалниот натпревар на Светското првенство во 2030 година да се одигра во домот на каталонскиот гигант, реновираниот „Спотифај Камп Ноу“.

Како можни локации за најважниот меч на турнирот се споменуваат и Мадрид и Казабланка, но Лапорта не крие дека негов избор е стадионот на Барселона.

„Не треба да биде ниту Казабланка ниту Мадрид, туку ‘Spotify Камп Ноу’. Казабланка и Мадрид се исто“, изјави Лапорта. 

Лапорта посочи дека „Сантијаго Бернабеу“ веќе го има организирано финалето на Мундијалот во 1982 година, кога Италија ја победи Западна Германија со 3-1. Според него, тоа е дополнителна причина овојпат финалето да се пресели во Барселона.

Реновираниот „Камп Ноу“ би требало да има капацитет од приближно 105.000 места, што би го направило еден од најголемите стадиони во Европа.

„Верувам дека ФИФА ќе ги земе предвид сите овие околности. За нас, организацијата на финалето би значела големо меѓународно признание. Ќе ја доставиме нашата кандидатура и ќе ги претставиме аргументите со кои располагаме“, истакна Лапорта.

Мундијалот во 2030 година ќе се одржи во Шпанија, Португалија и Мароко, но сè уште нема конечна одлука каде ќе се игра финалето.