Лани вредеше 25.000 евра, сега е 480 пати повеќе и важи за чудо!

На врвот на листата на стрелците во француската Лига 1 оваа сезона се наоѓа фудбалер за кој до неодамна ретко кој имал слушнато. Хоакин Паничели, 23-годишен аргентински напаѓач, за само една година направи неверојатен скок од анонимност до статус на еден од највредните и најперспективни играчи во француското првенство.

Минатото лето неговата пазарна вредност изнесуваше едвај 25.000 евра. До тој момент, Паничели имаше одиграно само 12 натпревари на сениорско ниво, настапувајќи за Алавес, клуб во кој никогаш не доби вистинска шанса поради тешка повреда, кинење на предниот вкрстен лигамент. Неговата кариера изгледаше како да ќе запре уште пред да започне. Но, сезоната 2023/24 донесе вистински пресврт. Испратен на позајмица во шпанскиот второлигаш Мирандес, Паничели блесна со неверојатни 21 гол и осум асистенции. Тој стана моторот на тимот и ги одведе до баражот за влез во Ла Лига, каде што Мирандес беше елиминиран од Реал Овиедо.

Формата на младиот Аргентинец не остана незабележана. Летово францускиот Стразбур плати 16,5 милиони евра за неговиот потпис, износ што е 480 пати поголем од неговата вредност само една година претходно. Денес, Паничели со девет погодоци во десет кола е прв стрелец во Лига 1, пред англискиот напаѓач Мејсон Гринвуд (седум гола).

Стразбур, клуб кој во последните години ретко се бореше за врвот, моментално е четврти со 19 бодови, или само два помалку од шампионот ПСЖ. Неговата ефикасност и приспособливост го направија најзаслужниот играч за неочекуваниот подем на тимот. Само во октомври, Паничели постигна шест голови во четири натпревари, што придонесе неговата вредност на „Трансфермаркт“ да порасне на 12 милиони евра.

Аргентинските медиуми веќе шпекулираат дека Лионел Скалони размислува да го вклучи во репрезентацијата за наредните квалификациски натпревари. Покрај тоа, веќе кружат и шпекулации за можен трансфер во Челзи, клуб кој, како и Стразбур, е во сопственост на конзорциумот „Богли-Клирлејк“.