Лани славеа на „Сантијаго Бернабеу“, а денес не победија во Мостар!

Фудбалерите на Зрински, првакот на Босна и Херцеговина, одиграа без голови (0-0) во првото коло од квалификациите за Лигата на шампионите против Шериф од Тираспол. Поранешната екипа на нашиот Бобан Николов целосно потфрли и може да биде среќна што не загуби на гостувањето на Балканот. 

Молдавскиот шампион беше хит минатата сезона, откако прво го исфрли српскиот шампион Црвена звезда, па Динамо Загреб на патот кон групната фаза од Лигата на шампионите, за во групата да го сруши подоцнежниот европски првак Реал Мадрид. Сепак, актуелниот шампион на Босна и Херцеговина успеа да остане непоразен и има право да се надева на пробив во следната рунда.

Реваншот се игра за седум дена, но не во Тираспол туку во Кишињев, главниот град на Молдавија.

Македонските интернационалци Филип Најдовски, Кристијан Тошевски и Енур Тотре во дресот на Тирана сензационално загубија со 1-0 на гостувањето против луксембуршкиот Дуделанж. Во 71. минута Мохин Хасан го постигна победничкиот гол за домашната екипа. Кирх од Дуделанж во 54. минута и Лимај кај Тирана во 68. минута заработија директни црвени картони.