Лани беа четворица, оваа сезона само еден македонски фудбалер во ЛШ

Лигата на шампионите е пред стартот, а Македонија и оваа сезона ќе има свој репрезент во елитното европско натпреварување. Минатата сезона настапија четворица македонски фудбалери (Елмас, Миовски, Ристовски и Адеми), додека оваа само еден – Ељиф Елмас во дресот на италијанскиот шампион, Наполи.

Во сегашниот формат кој се доби во 1992 по реформирањето на Купот на Европските шампиони во Лигата на шампионите, имаат настапувано вкупно седумнаесет Македонци.

Првиот е македонската фудбалска легенда Тони Савевски кој во Лигата на шампионите играше во далечната 1994 година. По Савевски, настапуваа уште Седлоски, Крстев, Митрески, Стојановски, а најголема трага во Лигата на шампионите остави Горан Пандев, кој со Интер е воедно и единствен освојувач од Македонија на европското престижно фудбалско натпреварување.

•    СЕДУМНАЕСЕТТЕ МАКЕДОНЦИ ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ:

Тони Савевски (АЕК, 1994/95)
Гоце Седлоски (Динамо Загреб, 1999/00)
Миле Крстев (Херенвен, 2000/01)
Игор Митрески (Спартак Москва, 2000/01, 2001/02, 2002/03)
Милан Стојаноски (Партизан, 2003/04)
Горан Пандев (Лацио 07/08, Интер 09/10, 10/11, Наполи 11/12, 12/13)
Бобан Грнчаров (АПОЕЛ, 2009/10)
Мирсад Мијадиновски (Дебрецен, 2009/10)
Александар Лазевски (Партизан, 2010/11)
Иван Тричковски (АПОЕЛ, 2011/12)
Аријан Адеми (Динамо Загреб, 2011/12, 2012/13)
Даниел Георгиевски (Стеауа, 2013/14)
Агим Ибраими (Марибор, 2014/15)
Стефан Ристовски (Спортинг, 2017/18, Динамо 2024/25)
Бобан Николов (Шериф, 2021/22)
Ељиф Елмас (Наполи 2023/24, РБ Лајпциг 2024/25, Наполи 2025/26)
Бојан Миовски (Џирона, 2024/25)

Како Македонци успех во елитното натпреварување - но, под името Куп на Европски Шампиони (КЕШ) - имаат Илија Најдоски и Дарко Панчев, кои со Црвена Звезда станаа европски шампиони во 1991 година.