Лампард никогаш поголем аутсајдер, Ливерпул со само една слаба точка!

Ќе се памети ли по нешто посебно јубилејното 60-то соочување на Ливерпул и Челзи, прво во финале на Суперкупот на УЕФА? Некогашниот судир на европскиот првак и победникот на Купот на победниците на куповите, денес е соочување на лауреатите во двете европски натпреварувања, првпат две англиски екипи во борба за првиот европскиот трофеј во сезоната.

Големиот Френк Лампард, кој нема клупски трофеј кој не го освоил како фудбалер и капитен на „сините“, никогаш не бил поголем аутсајдер во еден натпревар од чувството вечерва во Истанбул. Неговиот Челзи не смееше да купува, преполн е со критики за убедливиот пораз на „Олд Трафорд“, а и ќе биде без неколку редовни стартери. Но, тоа не мора ништо да значи, посебно ако се знае дека и Клоп немаше перфектно лето.

Германецот, по вина на Копа Америка и Купот на Африканските нации, екипата ја имаше на собир само десетина дена. Голем пех е повредата на Алисон, па штотуку пристигнатиот Адријан ќе дебитира во натпревар за титула, Другите делови од тимот се воглавно од мадридското финале на Лигата на шампионите. Интересно е што критичарите и фановите на Челзи потенцираат дека единствена слаба точка на „црвените“ е новиот голман.

Moжни состави:
Ливерпул:
Адријан, Александар-Арнолд, Ван Дајк, Гомез, Робертсон, Хендерсон, Кеита, Милнер, Салах, Фирмино, Мане

Челзи:
Кепа, Аспиликуета, Кристенсен, Зума, Емерсон, Жоргињо, Ковачиќ, Педро, Баркли, Пулишиќ, Жиру

Овој натпревар по многу нешта ќе биде историски. Првпат една жена ќе суди натпревар за титула во машкиот клупски фудбал, а на трибините се предвидуваат многу повеќе фанови на Ливерпул, отколку на Челзи.