ВИДЕО: Лампард и Дерби немоќни, Астон Вила славеше во најскапиот меч и се врати во Премиер! 

По пауза од три сезони поранешниот англиски шампион Астон Вила се врати во елитата на островскиот фудбал, откако повеќе од заслужено славеше во финалето од плеј-офот на Чемпионшип против тимот на Дерби Каунти (2-1). 

Тимот од „Вила Парк“, предводен од Дин Смит и Џон Тери, одигра неверојатна сезона во втората по ранк лига во Англија. Во октомври беше дури на 14. позиција на табелата, но тогаш на чело дојде Смит и со серија од десет победи го врати тимот во горниот дел од табелата, а регуларниот дел од сезоната ја заврши на петтата позиција. 

Во плеј-офот славеше во двомечот со локалниот ривал ВБА, додека во најскапиот меч во историјата на спортот (преку 190 милиони евра) на „Вембли“ со сигурни 2-1 (1-0) го надигра Дерби Каунти на Френк Лампард. 

Со овој успех тимот од Бирмингем по три сезони се враќа во Премиер лигата, а „Вила Парк“ повторно ќе блесне како некогаш. Астон Вила во сезоната 2015/16 испадна од најквалитетното натпреварување на Англија, но доби утешна награда – нивниот стадион беше избран за најдобар во Премиер лигата. 

Што се однесува до денешниот натпревар на легендарниот стадион во Лондон, двете екипи не можат да се пофалат со одлична партија, но Вила како да одигра онолку колку што беше потребно за победа. По мирниот и цврст почеток, без речиси ниту едно поголемо возбудување, Анвар Ел Гази во 44. минута со прекрасен удар со глава ја смести топката во мрежата на Дерби и Астон Вила на пауза замина со позитива од 1-0. 

Само што започна вториот дел Рос направи почетничка грешки и му овозможи на Џон МекГин да го зголеми на 2-0 и да ја доближи Вила поблиску до Премиер литата. Сепак, Дерби не се предаде и заигра поангажирано, но тоа резултираше само со почесен гол на Мериот за конечните 2-1. 

Покрај Астон Вила нови премиерлигаши се Норвич и Шефилд Јунајтед, додека во Чемпионшип се враќаат Хадерсфилд, Фулам и Кардиф.