Лампард: Да го заборавиме Азар, тој е незаменлив и само тимски се надоместува

Челзи не е Дерби Каунти и менаџерот на „сините“ Френк Лампард тоа веднаш го почувствува. Поразот од Манчестер Јунајтед во првото коло на Премиер лигата и тоа како предизвика критики на адреса на младиот англиски стручњак.

Сепак, три дена подоцна следи можност за реванш и дуел за прва титула во кариерата на некогашниот капитен на Челзи. Англискиот дуел од Суперкупот во Турција на лондонскиот клуб му носи улога на аутсајдер, каква што во овој момент и му одговара.

„Поразот никогаш не е добра опција за почеток на сезоната. Па, ако им подарите простор и неколку топки на силен ривал како Манчестер Јунајтед, тие ќе ве казнат. Им кажав на фудбалерите дека добро е што се создаваат шанси, но тие шанси треба да се реализираат.

Верувам во овие момци, горд сум што сум тука, но и свесен со каков противник ќе играме утревечер. Имаат фантастичен менаџер и моќна екипа, но убеден сум дека со максимален ангажман, ќе го освоиме трофејот. Се сеќавам, како фудбалер двапати играв за овој трофеј и двапати загубив. Со Атлетико Мадрид бевме надиграни, но против Баерн Минхен навистина немавме среќа. 

Канте мораше да остане на клупата заради пропуштените припреми и  повредата. Вилиан и Рудигер се со нас тука во Истанбул, при крај се со рекуперацијата и наскоро ќе ни се придружат. Moра да го заборавиме Азар, тој е неверојатен фудбалер и веројатно незаменлив. Не треба да размислуваме да го замениме, туку да пронајдеме игра која ќе го покрие неговото заминување“, заврши Англичанецот.

Лампард ќе го одлучи тимот по вечерашниот тренинг на „Водафон Арена“, а околу 6.000 фанови на „сините“ ќе дојдат во текот на денот или утре да го бодрат својот тим да дојде до европски трофеј.