Ламин Јамал постави уште еден рекорд во ЛШ

Шпанскиот фудбалер Ламин Јамал продолжува да руши рекорди и да го потврдува статусот на еден од најголемите фудбалски таленти на денешницата. Младиот фудбалер на Барселона со погодокот против Астон Вила го надмина Килијан Мбапе и самостојно се искачи на врвот на листата на најдобри стрелци во Лигата на шампионите меѓу играчите до 20 години.

Шпанскиот репрезентативец досега имаше 13 погодоци, исто колку и француската суперѕвезда, но со новиот гол стигна до бројката од 14 и стана единствен на врвот. Јамал пет пати ја тресеше мрежата во сезоната 2024/2025, шест погодоци постигна во кампањата 2025/2026, додека во актуелната сезона веќе има три гола, против Феенорд, Пари Сен Жермен и Астон Вила.

Ова е само едно од бројните импресивни достигнувања на 19-годишниот фудбалер во најелитното европско клупско натпреварување. Јамал е најмладиот стартер во историјата на Лигата на шампионите, најмладиот играч со 10 и 20 настапи, како и најмладиот фудбалер кој постигнал гол и асистенција на еден натпревар. Каталонскиот талент е и најмладиот стрелец во полуфиналната фаза, а со 11 погодоци пред да наполни 19 години го држи рекордот за најмногу голови во таа возраст.

И покрај сите овие достигнувања, Јамал не е најмладиот дебитант во историјата на турнирот. Тој рекорд му припаѓа на Макс Дауман од Арсенал, кој ги запиша првите минути во Лигата на шампионите на 4 ноември 2025 година, на возраст од 15 години и 308 дена.