ВИДЕО: Лаказет херој на Арсенал во градското дерби со Вест Хем

Екипата на Арсенал дојде до триумф во градското дерби против Вест Хем и триумфираше со 1-0, во дуелот од 29. коло на англиската Премиер лига. Момците на Артета имаа целосна контрола на топката и диктираа темпо, но гостите одлично се бранеа. Лаказет како џокер од клупата беше човек на одлука и ги освои бодовите за својот тим. 

  • Арсенал - Вест Хем 1-0:

Средбата на „Емирати“ започна со шанса за Вест Хем, кога Џерод Боувен направи добар соло продор и биеше од шеснаестникот, но Лено беше на висина на задачата. Бргу потоа следеше шанса за Озил, чиј шут беше блокиран и не го загрози Фабијански. До полувремето „топџиите“ се заканија преку Сократис и Нкетиа, но мрежата остана недопрена. 

Младиот напаѓач имаше нова можност и на стартот од вториот дел кога излета сам пред противничкиот голман, но измами одлична интервенција. Вест Хем ја пропушти најзрелата шанса преку Мајкл Антонио, кога прецизниот удар му го одбрани голманот Берндт Лено. 

Фабијански беше принуден да ја извади топката од својата мрежа во 78. минута, кога Озил ја искористи одбиената топка по шутот на Обамејанг и го проигра осамениот Лаказет, кој лесно реализираше за 1-0. Само неколку минути подоцна „чеканите“ можеа да израмнат, но одново Лено се истакна и спречи израмнување. 

Шефилд Јунајтед продолжи со позитивните резултати и дома го совлада Норич Сити минимално со 1-0, со што го продолжи сонот за место во евро-куповите идната сезона. Дуелот против „фенерџијата“ го реши искусниот напаѓач Били Шарп, кој со глава стрелаше на асистенција од Лундстрам во 36. минута. Гостите доминираа речиси во сите сегменти на играта во второто полувреме, но не ја загрозија „чистата мрежа“ за одличниот Дин Хендерсон.

На останатите дуели, минимални триумфи запишаа Кристал Палас кој славеше на домашен терен против Вотфорд со голот на Ајев (1-0) и Њукасл кој ги освои бодовите на гости кај Саутемптон со погодокот на Сант-Максимин (0-1). Реми без голови одиграа Вулверхемптон и Брајтон.