• Саше Љолес
РБ Лајпциг успеа да ја оправда благата фаворитска улога и со пресврт славеше над Фрајбург со конечни 3-1 (0-1) во натпреварот од осмото коло во германската Бундеслига.
Гостите одиграа подобро во првите 45 минути и имаа предност на паузата по голот на Јапонецот Доан, но потоа „биковите“ ги презедоа нештата во свои раце и не дозволија непријатно изненадување пред своите навивачи.
Бргу по стартот на вториот дел Лајпциг се врати во игра, најпрво Вили Орбан израмни на 1-1 во 47. минута, а само девет минути подоцна дојде и првото водство со голот на Лутшарел Гертруида. Домаќините се стабилизираа и се мотивираа за остатокот од мечот, а конечните 3-1 беа дело на Лоис Опенда во 79. минута. Нашиот Ељиф Елмас повторно остана на клупата и не доби ниту една минута од тренерот Марко Розе.
- РБ Лајпциг - Фрајбург 3-1:
РБ Лајпциг привремено избива на челната позиција на табелата со 20 бодови, три повеќе од Баерн Минхен, кој допрва ќе го одигра својот натпревар против екипата на Бохум.
Екипата на Штутгарт без поголеми проблеми славеше со 2-1 над Холштајн Кил, додека Аугзбург направи големо изненадување и ја совлада Борусија од Дортмунд со конечни 2-1. Натпреварот помеѓу Сент Паули и Волфсбург заврши со најнепопуларниот резултат во фудбалот (0-0).
- Мајнц 05 - Борусија Менхенгладбах 1-1:
Во првиот натпревар во ова коло, Мајнц 05 и Борусија Менхенгладбах вчера играа 1-1.