ВИДЕО: РБ Лајпциг победи и остана лидер, резервистот Ројс херој на Дортмунд

Фудбалерите на РБ Лајпциг со 0-2 се радуваа на гостувањето кај Аугсбург од четвртото коло на Бундеслигата и останаа лидер на стартот од новата сезона со десет бодови. Избраниците на Нагелсман погодија еднаш пред полувремето и еднаш во продолжението, за лесен триумф на „ББК Арена“. 

  • Аугсбург - РБ Лајпциг 0-2:

Гостите беа апсолутно подобар ривал и заслужено стигнаа до предност во 45. минута. Дани Олмо проби по десната страна и го проигра Анхелињо, кој беше осамен на втората статива, за реализација со глава. Во второто полувреме, РБ Лајпциг продолжи каде што застана. Дани Олмо одново асистираше, овојпат му намести волеј на Јусуф Полсен, кој со ефектен удар го совлада Гикиевич за конечните 0-2. 

Борусија Дортмунд долго се мачеше на гостувањето кај Хофенхајм, но сепак успеа со минимални 0-1 да се радува на важни бодови. По изедначениот прв дел, во кој Лусијан Фавр реши да одмори неколку првотимци, меѓу кои и Халанд, но немаше многу шанси, па мораше да се менува. 

  • Хофенхајм - Борусија Дортмунд 0-1:

Резервистот и еден од најискусните играчи на Борусија Дортмунд, Марко Ројс беше херој на својот тим со голот за 0-1. Сепак, признание мора да му се оддаде на Халанд, кој несебично од зицер позиција му додаде на капитенот за реализација на празна мрежа. Борусија со денешните три бода одржа чекор со лидерот РБ Лајпциг и по четири кола има девет бодови.

На останатите терени, Баер Леверкузен се радуваше на триумф кај Мајнц 05 (0-1). Стрелец на единствениот погодок беше Аларио, кој по половина час игра го постави конечниот резултат. Штутгарт ја изненади Херта и со головите на Кемпф и Кастро се радуваше во Берлин, додека бодовите ги поделија Фрајбург и Вердер Бремен (1-1).