• Саше Љолес
Екипата на РБ Лајпциг го продолжува чекорот со водечкиот Баерн Минхен и славеше над незгодниот Штутгарт со конечни 3-1 (1-0) во натпреварот од деветтото бундеслигашко коло.
„Биковите“ водеа по првите 45 минути откако автогол си постигна Џеф Шабот, а потоа ја потврдија победата со погодоците на Јан Диоманде и Ромуло Кардозо, кои стрелаа во второто полувреме.
Стрелец на единствениот гол за Штутгарт беше Тиаго Томас во 65. минута од мечот. Лајпциг останува на втората позиција на табелата со 22 бода, два помалку од Баерн Минхен, додека Штутгарт барем засега е на четвртото место со вкупно 18 бодови на своето салдо.
Борусија Менхенгладбах конечно ја извојува првата победа во сезоната, и тоа со огромни 0-4 на гостувањето кај Сент Паули. На останатите три натпревари во истиот термин, ривалите ги поделија бодовите.
Хајденхајм и Ајнтрахт Франкфурт ремизираа со конечни 1-1, со истиот резултат заврши мечот помеѓу Мајнц 05 и Вердер Бремен, а дуелот меѓу Унион Берлин и Фрајбург заврши со конечни 0-0.








