• Горан Упале
Фудбалерите на Лацио и во вториот натпревар во новата година ги разочараа своите фанови, откако во својот дом освоија само еден бод во соочувањето со Комо (1-1).
- Извештај од натпреварот:
На изненадување на сите на „Олимпико“, гостите беа подобриот ривал во првите 45 минути. Комо предводен од Цеск Фабрегас на клупата, играше допадлив фудбал, со многу додавања и создаде неколку изгледни шанси, а откако Кутроне ја испушти најголемата пристигна казната и Лацио поведе со 1-0.
Се играше 34. минута кога Сенегалецот Диа прво мајсторски се ослободи од директниот чувар, си создаде простор за удар и тоа го направи прецизно, за голема радост на трибините и водство на „небесно-сините“ на полувреме (1-0).
Вториот дел во Рим започна со голема глупост на Чауна. За само една минута младиот француски напаѓач заработи два жолти картони и го остави Лацио со играч помалку. Комо бројчаната предност на теренот ја искористи во 72. минута кога Кутроне со својот шести овосезонски погодок ја затресе домашната мрежа и ги постави конечните 1-1.