• Горан Упале

По поразите во дерби натпреварите против Рома и Јувентус, фудбалерите на Лацио не дозволија уште едно разочарување за своите фанови и со убедливи 4-1 го совладаа тимот на Салернитана, на отворањето на 32. коло во Серија А.
- Извештај од натпреварот:
Тимот, предводен од хрватскиот стратег Игор Тудор, бесот од поразите во споменатите дерби натпревари го истурија врз најслабиот тим оваа сезона. Крајниот резултат можеше да биде уште поубедлив, бидејќи Лацио имаше огромни 3-0 по само триесет минути игра.
Стрелци на головите за „небесно-сините“ во првото полувреме беа Фелипе Андерсон (2) и Весино, додека во вториот дел конечните 4-1 ги постави резервистот Исаксен.
За поразениот тим, кој речиси сигурно во идната сезона ќе се натпреварува во Серија Б, стрелец на единствениот гол беше Чаоуна за 2-1.
Со вечерашните три бода Лацио одново го прескокна Наполи и барем до недела, кога шампионот игра со Фрозиноне, ќе биде стациониран на седмата позиција. Следен ривал на четата на Тудор е Џенова, а Салернитана на свој терен ќе го пречека тимот на Фиорентина.