ВИДЕО: Лацио и Ница обезбедија нокаут-фаза, Билбао со пресврт ја совлада Херта

Фудбалерите на римски Лацио на „Олимпико“, во рамките на 5. коло на Лига Европа, ремизираа со Витесе, 1-1 (1-1), со што го потврдија пласманот во елиминационата рунда.

Холанѓаните беа тие кои први погодија на денешениот натпревар, откако Линсен во 12. минута го совлада домашниот голман за 0-1. Во продолжение на првиот дел се играше отворено и со шанси на двете страни, а пред самиот крај на првиот дел, лацијалите преку Луис Алберто израмнија на 1-1, што се покажа како конечен резултат.

Во вториот натпревар од истата група, фудбалерите на Ница го совладаа Зулте Варегем со 3-1 и обезбедија нокаут-фаза. Марио Балотели беше стрелец на два гола во првиот дел, а тимот од Белгија по голот на Хамалаинен во 80. минута намали на 2-1. Финалните 3-1 ги постави Тамазе во 81. минута.

Салцбург на домашен терен славеше победа од 2-0 против Виторија Гимареш и обезбеди нокаут-фаза, а во истата група Коњаспор го пречека тимот на Олимпик Марсеј и на крајот го поделија пленот, играјќи 1-1. Турците поведоа со 1-0 по голот од пенал на Скубиќ во 80. минута, а Олимпик Марсеј со човек помалку стигна до реми по автоголот на Моке во 93. минута.

Атлетик Билбао на „Сан Мамеш“ славеше пресврт победа од 3-2 против Херта. Адуриз со два гола на двапати го израмнуваше резулатот по водството кое го имаа Германците, а победничкиот гол го постигна Ињаки Вилијамс во 82. минута. 

Остерсунд славеше победа против Зорја од 2-0 и обезбеди пласман во нокаут-фазата. Стрелец на водечкиот погодок за Швеѓаните беше дела на протинничкиот играч Грешикин, кој во 41. минута ја погоди сопствената мрежа. Конечните 2-0 ги постави Годос во 77. минута.