ВИДЕО: Лацио победнички мина низ Милано, Интер се врати на старите навики

Последниот меч од 29. коло во Серија А го одиграа Интер и Лацио, а бодовите ги однесоа гостите од Рим (0-1).

Римјаните не можеа да посакаат поубав старт. Луис Алберто испрати центаршут на подалечната статива каде што се најде Сергеј Милинковсиќ-Савиќ и со глава го совлада Самир Хандановиќ.

Голема шанса на крајот од првиот дел пропушти Луис Алберто кој го натера словенечкиот голман на голот на „неразурите“ да се истегне и да направи фантастична интервенција.

Тимот на Лучијано Спалети имаше јалови напади и немаше сериозен одговор на одбраната на „лацијалите“. Матео Политано и неговиот удар на пречката беа најголемата закана за гостинскиот гол.

Со овој пораз, „неразурите“ направија чекор назад во борбата за Европа. Гостите, пак, стигнаа на три бода до четвртата позиција на Милан која што ќе можат да ја достигнат со евентуална победа во заостанатиот натпревар.