• Мартин Танасковски

Екипата на Лацио одигра моќна фудбалска претстава и забележа убедлива победа над Милан (4-0) во меч кој го носеше епитетот дерби, но само на хартија.
- Извештај од натпреварот:
„Росонерите“ одиграа уште еден ужасен дуел против конкурент од горниот дел на табелата, по оној во Суперкупот против Интер во кој исто така загубија убедливо. Кризата е евидентна во шампионот на Италија, затоа што Милан има пет меча без победа во низа. Покрај од Интер и Лацио, загуби уште и од Торино во Купот, а одигра нерешено со Лече и Рома (2-2).
Дека на Милан му се пишува црно на „Олимпико“ се најави уште во 4. минута, кога Сергеј Милинковиќ Савиќ донесе предност за „небесно-сините“. Голема работа за голот заврши асистентот Закањи. Лоши вести за Пиоли донесе и 24. минута кога Томори се повреди и принудно беше заменет.
Милан беше безопасен, а во 38. минута Закањи се најде во улога на стрелец, за 2-0 на паузата. Во вториот дел, Калулу направи пенал, кој во погодок го претвори Луис Алберто, а конечните 4-0 ги постави Фелипе Андерсон.
Милан е втор на табелата во Серија А со 38 бода, Лацио е третопласиран со 37 бода. Во следната рунда „росонерите“ играат дома со Сасуоло, додека Лацио е домаќин на Фиорентина.