ВИДЕО: Лаборд е херој, во 92. минута донесе бод за Монпелје со Марсеј!

Фудбалерите на Монпелје и Олимпик Марсеј одиграа реми (3-3), во рамките на 32. коло од француската Лига 1. Дербито на колото заврши со делба на бодовите, во пресметка со пресврти, црвен картон и водство на гостите до самиот финиш. 

  • Извештај од натпреварот: 

Веќе во првата минута Енди Делорт донесе предност за домаќинот, откако по асистенција на Фери стрела за 1-0. Марсеј беше подобар ривал, наметна темпо и тргна по израмнување, но на него чекаше до самиот финиш. Аркадиуш Милик и Геј во завршницата на полувремето направија пресврт, па гостите на пауза заминаа со предност (1-2). 

Веднаш на стартот од продолжението, Лаборд донесе израмнување и за Монпелје и најави интересен дуел до крајот. Дује Чалета-Цар заработи директен црвен картон во 62. минута, по што Марсеј остана со десетмина на теренот. Сепак, тоа не го спречи нововлезениот Перин да донесе нова предноста за гостинскиот тим (2-3). 

Монпелје сепак ја искористи бројчаната предност, притисна и беше доминантен. Статива погоди Савание, а по ударот на Делорт добро интервенира голманот Манданда. Стрелецот на вториот гол успеа да го скрши отпорот на Марсеј, па во 92. минута Лаборд со својот втор гол донесе реми и бод за својата екипа (3-3). 

Марсеј е шести, пред денешниот ривал со 49 бодови, а на двата тима им останува битка за петтата поиција со Ленс и пласман во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА.