• Мартин Танасковски
Грузискиот репрезентативец Квича Кварацкелија и официјално е прогласен за играч на сезоната во Лигата на шампионите за сезоната 2025/26, по фантастичните игри во дресот на Пари Сен Жермен.
Грузискиот репрезентативец беше еден од клучните играчи во походот на ПСЖ кон втората последователна европска титула. Во текот на турнирот одигра 16 натпревари и забележа импресивен учинок од 10 голови и 6 асистенции, односно вкупно 16 директни придонеси за голови, додека во нокаут фазата постави историски рекорд со гол или асистенција на седум последователни натпревари.
Во финалето против Арсенал токму Кварацкелија го изнуди пеналот од кој Усман Дембеле израмни на 1-1, а потоа ПСЖ триумфираше по изведувањето пенали и ја одбрани титулата европски шампион. Покрај индивидуалното признание за Кварацкелија, дури петмина фудбалери на Пари Сен Жермен беа избрани и во тимот на сезоната на УЕФА, тоа се Кварацкелија, Дембеле, Маркињос, Нуно Мендеш и Витиња.
За откритие на сезоната, прогласен е Арда Ѓулер од Реал Мадрид.

