Кваквешкири: Симболично е тоа што играме за прво место против Македонија

Македонија ќе гостува кај Грузија во петтото коло од Лига Ц во Лигата на нации. Ова ќе биде директен дуел за првата позиција во групата. На првиот меч во Скопје нашиот ривал победи со убедливи 0-3.

По последниот тренинг за медиумите зборуваше Ника Кваквешкири, кој посакува победа за потврда на првото место во групната фаза.

„Врз основа на ситуацијата во нашата група, имаме специфична цел - да завршиме на првото место на табелата, а исто така симболично е тоа што треба да се случи против Македонија во Тбилиси. Мора да направиме сè за да ја исполниме задачата овде, пред нашите навивачи. Средбата против Македонија е посебна пред сè за навивачите затоа што не беа присутни на финалниот натпревар и мило ми е што ќе играме пред полн стадион“, вели грузискиот репрезентативец.

Тбилиси носи убави сеќавања за нашиот национален тим. На теренот во грузиската престолнина, македонската селекција обезбеди историска победа и пласман на Европското првенство 2020.