Кутињо заминува од Барса, но кој тим ќе плати толкава сума на пари?

Веќе е извесно дека Филипе Кутињо во идната сезона ќе ги брани боите на друг клуб. Бразилскиот ас не ги оправда очекувањата во редовите на Барселона и наводно им соопштил на челните лица на клубот дека сака да си замине од „Камп Ноу“. 

Каталонците пред само година и пол за него одвоија неверојатни 160 милиони евра, во тимот дојде како големо засилување и замена за Нејмар, но не се снајде најдобро во тактиката на Валверде и повеќе од јасно е дека за него нема иднина во шпанскиот шампион. 

Според најавите неколку екипи се заинтересирани за 26-годишниот офанзивец, но ретко кој од нив би се согласил да ја плати сумата која Барса ја бара. Се шпекулира дека Бразилецот ќе биде ослободен само доколку за него се платат 140 милиони евра, сума на пари која е превисока дури и за најголемите европски гиганти. 

Меѓу кандидатите за нов клуб на Кутињо се споменуваат екипите на Манчестер Јунајтед, ПСЖ, Интер и Јувентус, но засега ниту еден тим нема започнато преговори со Барса.