Кутињо се враќа во Барселона, налето стартува аукција за неговите услуги

Филипе Кутињо веројатно брзо ќе ја заврши својата авантура во Баерн Минхен и по едногодишна позајмица ќе се врати во Барселона. Оваа информација со сигурност ќе им се допадне на повеќето заинтересирани клубови за услугите на Кутињо, чија цена драстично опадна. 

Веќе долго се шпекулираше околу иднината на скапо платениот фудбалер, а Карл Хаинц Румениге потврди дека не планираат да го откупат договорот на Бразилецот. 

„Опцијата за откуп веќе истече и со сигурност нема да ја искористиме. Сега целта е да ги комплетираме плановите за наредната сезона и тешко дека Кутињо ќе има улога во тимот“, изјави Румениге. 

Крилниот фудбалер се мачи откако прејде во Барселона, а потоа и во Баерн Минхен и никако не успева да ја врати формата од Ливерпул. Сепак и покрај тоа интересот за него е огромен, па лесно може да се види тој да се врати на „островот“ каде за него заинтересирани беа Челзи, Њукасл, а се споменуваше и враќање на „Енфилд“.