Куртоа се прости од фановите на Челзи: Секогаш ќе бидете во моето срце!

Еден од најдобрите светски голмани Тибо Куртоа, ја оствари својата желба и во иднина ќе го носи дресот на Реал Мадрид. Белгискиот чувар на мрежата од синоќа и официјално е нов член на „кралевите“, кои за неговите услуги на Челзи му исплатија 35 милиони евра и во Лондон на позајмица го пратија хрватскиот репрезентативец Матео Ковачиќ

По официјализацијата на овој трансфер Куртоа се одлучи преку емотивно писмо да се прости од фановите на Челзи, за кого е член од својата 19-та година. 

„Челзи секогаш ќе има посебно место во моето срце. Имав само 19 години кога клубот покажа дека верува во мене, и тоа нема да го заборавам. Кога се вратив од позајмица бев пресреќен дека ќе го облечам дресот на еден од најголемите клубови на светот и конечно ќе заиграм во Премиер лигата. Големо благодарам до сите соиграчи, до сите вработени, до раководството, а најмногу до навивачите. Ви благодарам за големата поддршка сите овие години. Се надевам дека ќе сфатите зошто го направив овој трансфер. На Челзи му посакувам уште многу, многу успеси“, напиша новиот голман на Реал Мадрид. 

Очекувано, по објавениот статус на социјалните мрежи, Куртоа доби голем број на негативни коментари од фановите на англискиот гигант, па беше приморан да го избрише. 

27-годишниот чувар на мрежата со „кралевите“ потпиша шестгодишен договор и заедно со Кејлор Навас ќе конкурира за првотимски статус кај новиот тренер Јулен Лопетеги.