Куртоа претставен во Мадрид: Уште како дете сонував да стапнам на овој стадион!

Тибо Куртоа го комплетира трансферот од Челзи во Реал Мадрид, по што следеше официјалното претставување пред медиумите на „Сантијаго Бернабеу“.

Големото засилување на „кралевите“, кое за место меѓу стативите ќе се бори со Кејлор Навас, а истакна дека трансферот во Мадрид му е остварување на детскиот сон.

„Си го остварив сонот кој го имав уште како дете. Сонував да стапнам на овој стадион, кој е во боите на Реал Мадрид, најдобриот клуб во светот. Голема чест е и одговорност да се биде овде. Се надевам дека ќе имаме успеси во иднина заедно“, изјави Куртоа.

Збор зеде и претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез.

„Реал Мадрид ќе ја продолжи праксата да биде тим во кој ќе играат само најдобрите играчи во светот. Четирите европски титули во последните пет години покажуваат што овој тим значи во светскиот фудбал. Тибо, сега си конечно каде што сакаше. Ти си еден од најдобрите голмани во светот, добредојде“, истакна Перез.

Белгискиот голман со Реал Мадрид потпиша шестгодишен договор и се очекува да биде долгорочно решение меѓу стативите на „кралскиот гигант“.