ВИДЕО: Куртоа правеше чуда и го спаси Реал на гостувањето кај Хетафе

Фудбалерите на Хетафе одиграа неверојатна партија, го задржаа Реал Мадрид и одиграа реми од 0-0, во рамките на 31. коло од Примера. Сепак, домаќинот на „Колисеум Алфонсо Перез“ има за што да жали, бидејќи беше поблизу до победата, но Тибо Куртоа правеше чуда на голот и одбрани неколку чисти шанси. 

  • Хетафе - Реал Мадрид 0-0: 

Домашните играчи беа подобри уште од стартот, големи шанси промашуваа Мата, Мирамонтес, Арамбари, а Реал беше близу до колапс. Иако Винициус успеа да ја затресе мрежата на Хетафе, голот не важеше поради офсајд, а добра шанса имаше и Маријано Диаз. 

Ниту во второто полувреме Хетафе не отстапи од добрата игра. Куртоа имаше своја претстава, меѓу стативите на Реал правеше бравурозни интервенции по шутевите на Унал, Максимовиќ и во неколку наврати Анхел. Сепак, иако напаѓачите беа расположени, натпреварот заврши без погодоци и екипите мораа да се задоволат со по бод. 

Вистински дебакл доживеа Леванте на домашен терен од Виљареал, откако загуби со убедливи 1-5 (1-2). Енис Барди го одигра целиот натпревар за својот тим, но не можеше да му помогне да извлече добар резултат против разиграната „жолта подморница“. 

  • Леванте - Виљареал 1-5: 

Голеадата тргна со автогол на Постиго во деветтата, а четири минути подоцна погоди и Жерард Морено за експресни 0-2. Иако Малса го врати Леванте во игра, тоа беше сè од домашните на овој натпревар. Во вториот дел Чуквуедзе даде два голови за Виљареал, а уште еден автогол беше дело на Вецо за убедливи 1-5 на крајот.