• Зоран Мишевски

Суперкупот на Европа е едно од ретките натпреварувања во кое Реал Мадрид не ги добиваше сите финалиња на кои настапуваше. Така во последните триесеттина години „кралевите“ губеа во натпреварот меѓу победникот на Лигата на шампионите и Лига Европа од Челзи, Галатасарај, Атлетико Мадрид...
Сепак, синоќа рутински го совладаа Ајнтрахт во Хелсинки со 2-0 и ја продолжија низата на успеси со Анчелоти на клупата.
Голманот Тибо Куртоа, одлично си ја заврши работата. Белгискиот интернационалец изјави дека тој и неговите соиграчи имаат големо искуство на вакви натпревари и тоа им помага да победуваат.
„Во текот на првото полувреме имаше две-три опасни ситуации пред нашиот гол, најмногу создадени од Камада. Сепак, игравме паметно и го добивме третото последователно финале без примен гол. Кога Реал игра финале, обично го добива. Затоа овој клуб е толку голем“, изјави Куртоа.
Белгиецот во четири последователни финалиња одбрани вкупно 19 удари во рамката на својот гол. Од неговото време на „Сантијаго Бернабеу“, тој примил гол само во финалето на Суперкупот на Шпанија против Барса во јануари оваа година.