Куртоа го исмеваше Тедеско, селекторот го „отпиша“ од тимот за Европското првенство

Продолжува „војната“ помеѓу Тибо Куртоа и селекторот на белгиската фудбалска репрезентација, Доменико Тедеско. Нивните недоразбирања траат со месеци, а голманот на Реал Мадрид го исмеја селекторот после вчерашната прес-конференција на која Тедеско го спомена и Куртоа. 

Незадоволството на Куртоа трае од минатата година, кога Тедеско не му ја врачи капитенската лента на јубилејниот 100. меч за репрезентацијата, по што чуварот на мрежата реши демонстративно да замине од собирот и не се ни појави на следниот меч со Естонија. Италијанскиот стратег изјави дека му е драго што Куртоа полека се враќа на терените после тешката повреда, но голманот на „кралевите“ повторно го исмеваше Тедеско со иронична објава на социјалните мрежи. 

Селекторот потоа изјави дека „Куртоа нема намера да биде дел од тимот на Европското првенство“, а тоа воопшто не му се допадна на Белгиецот кој настапуваше за „црвените ѓаволи“ во изминатите тринаесет години.