Куп на Италија: Специја ја изненади Болоња, Удинезе без Несторовски поразен од Фиорентина

Со три возбудливи и крајно неизвесни дуели, денес беше отворена елиминационата фаза од фудбалскиот Куп на Италија. 

Екипата на Каљари е единствената од денешната програма која осминафинале обезбеди по регуларните 90 минути, затоа што на останатите два натпревари се играа две продолженија по 15 минути. Но, и Каљари со посакуваната победа над Верона (2-1) стигна со многу мака, односно со погодок во судиското надополнување. Сери во 30. минута го отвори резултатот и донесе радост за домаќините, но Верона преку Колеј во 74. минута израмни на 1-1. Сепак, кога се очекуваше крај на натпреварот Сотил во 93. минута го матира гостинскиот голман и го одведе Каљари меѓу најдобрите 16 тимови во Купот на Италија. 

Пласман во следното коло обезбеди и тимот на Специја, која на гости ја изненади фаворизираната Болоња на Синиша Михајловиќ. По регуларниот дел на семафорот стоеше 2-2, но во продолжението блесна Маџиоре кој со головите во 100. и 119. минута донесе голема гостинска радост и осминафинале за Специја. 

Тесно и неизвесно беше и на дуелот во Удине, каде домашниот тим беше елиминиран од Фиорентина, откако „виолетовите“ се изборија за минимална победа од 0-1. Творец на „златниот“ гол за Фиорентина беше Монтиел во 112. минута. Нашиот репрезентативец Илија Несторовски не беше во протоколот на Удинезе за овој натпревар.