Куман ја обвини Барселона за повредата на Де Јонг: Решија да ризикуваат, а ова е цената

Холанѓаните добија голем удар пред стартот на Европското првенство, откако стана јасно дека Френки Де Јонг нема да биде на располагање на селекторот Роналд Куман. Во најдобро сценарио тој би се вратил за крајниот дел од турнирот во Германија, меѓутоа тешко е да се верува дека „лалињата“ ќе ризикуваат. 

По победата над Исланѓаните селекторот Куман зборуваше за ситуацијата на Де Јонг и индиректно ја обвини Барселона.

„Нема да биде подготвен да игра за три седмици. Френки има историја на оваа повреда и мора да размислуваме за неговото здравје. Клубот одлучи да ризикува со него и ова е цената која мора да ја платиме“, изјави Куман.

За потсетување, Де Јонг кој со месеци се мачи повредата ја обнови на трети март. Во Барселона направија сè што е во нивна моќ за Холанѓанецот да се врати за четвртфиналниот двомеч во Лигата на шампионите против ПСЖ, а потоа Де Јонг пак се повреди во „Ел Класико“ на 21 април.