Кулушевски: Јуве е создаден за мене – многу посед и многу движење!

На почетокот на 2020 година, Јувентус заврши големa работа со трансферот на Швеѓанецот со македонски корени, Дејан Кулушевски од Аталанта. Тој се смета за наследник на Златан Ибрахимовиќ, бидејќи според многу предвидувања може да достигне височини како Ибракадабра.

Кулушевски ја мина сезоната на позајмица во Парма и веќе имаше можност да ги запознае своите нови соиграчи во Торино. Кога дојде да го потпише договорот, како што самиот откри, бил пречекан од сенаторите на Јувентус, меѓу нив и Кристијано Роналдо.

„Веќе го запознав и беше многу возбудливо. Кога дојдов да потпишам за Јувентус, Кристијано ми се придружи во клупските простории, заедно со Кјелини, Буфон и Бонучи, за лично да се запознаеме. Се шегувавме пред натпреварот меѓу Јувентус и Парма. Кристијано изгледа како голема ѕвезда, но кога разговарав со него, открив темпераментно момче“, рече Кулушевски.

Тренерот на Јувентус, Маурицио Сари, го гледа Дејан  како „десетка“, веднаш зад напаѓачот, иако тој може да игра на двете крилни позиции, како и во самиот напад.

„Од јануари ги гледав внимателно сите натпревари на Јувентус, за да ја разберам играта и да видам што можам да донесам во тимот. Се работи за фантастична екипа. Сари се фокусира многу на доминацијата и поседот на топка, а играчите се многу блиски меѓусебе. Во Јувентус ќе го добијам фудбалот што го сакам, со многу посед и движење“, смета Кулушевски.

Младиот фудбалер ќе се јави на подготовките на „старата дама“ на крајот на овој месец.