Кулушевски: И Ибра има словенски корени, но го направи вистинскиот потег што ја одбра Шведска

Дејан Кулушевски за многу краток период ја одушеви фудбалската јавност, пред сè италијанската. Младиот напаѓач оваа сезона блесна во дресот на Парма, а тоа донесе трансфер во гигантот Јувентус

Несудениот македонски репрезентативец, иако како младинец го носеше „црвено-жолтиот“ дрес, на крај се реши да ги брани боите на Шведска, како на примерот со Златан Ибрахимовиќ, кој исто како Кулушевски има словенски корени.

„Тоа што Ибрахимовиќ го направи откако реши да игра со Шведска ги импресионираше сите во светот. Покажа дека е голем играч и многумина во него гледаат идол. Тој има словенски корени како мене, можеби затоа ме идентификуваат со него. Не сум го запознал, но се надевам дека ќе имам можност да играм против него додека е во Милан“, вели Кулушевски. 

19-годишниот фудбалер е член на Аталанта, но за клубот од Бергамо одигра само три натпревари во ланската сезона, по што ова лето беше пратен на позајмица во Парма. Неговите одлични игри го натераа Јувентус сериозно да се заинтересира за неговите услуги и уште пред неколку месеци постигнат е договор за трансфер во гигантот од Торино од следната сезона. 

Оваа сезона на 23 натпревари во Серија А, Кулушевски постигна пет гола, додека за Шведска дебитираше пред половина година на натпреварот против Фарски Острови.