• Иван Димовски
Лојалноста во модерниот фудбал станува се поретка, но Дејан Кулушевски покажа дека се уште постојат исклучоци. Офанзивецот на Тотенхем испрати јасна порака дека неговата иднина останува врзана за лондонскиот клуб, без разлика на исходот од актуелната сезона.
„Петлите“ се наоѓаат во исклучително тешка позиција и се дел од зоната за испаѓање, но тоа не влијае врз ставот на шведскиот репрезентативец. Додека се погласни се шпекулациите за можен распад на тимот во случај на преселба во Чемпионшип, Кулушевски оди во спротивна насока и најавува верност.
„Останувам во Тотенхем, тоа е сигурно. Не сакам ни да помислам на испаѓање од Премиер-лигата, верувам во опстанок, но дури и ако се случи тоа црно сценарио, мојата желба за останување ќе биде уште поголема. Искрено ми е жал што серијата повреди ме спречи да дадам свој придонес сезонава, сето тоа ме прави порешителен да останам и да дадам се од себе за Тотенхем следната сезона, без разлика дали во Премиер-лигата или во Чемпионшип“, порача Кулушевски.
Оваа сезона Кулушевски се бори со тешка повреда, клубот е зад него и шведскиот репрезентативец со македонско потекло сака да му се оддолжи на Тотенхем.





