• Мартин Танасковски
Депортиво Ла Коруња и официјално се врати во Ла Лига по пауза од осум години. Славниот шпански клуб обезбеди промоција во елитното друштво откако математички потврди најмалку второ место во Сегунда дивизион, коло пред крајот на сезоната.
Депортиво последен пат играше во Ла Лига во сезоната 2017/18, кога тимот го водеше Кларенс Сидорф. По испаѓањето следуваа тешки години за клубот, кој помина и три сезони во третото ниво на шпанскиот фудбал.
Во клучниот натпревар од претпоследното коло, Депортиво како гостин со 2-0 славеше против Реал Ваљадолид и на тој начин избега на недостижни шест бода предност пред Алмерија. Херој на победата беше Бил Нсонго, кој постигна два гола уште во првото полувреме. Напаѓачот ја отвори мрежата во 11. минута, а потоа во 34. минута го постави конечниот резултат.
Депортиво Ла Коруња ја освои шампионската титула во Шпанија во 2000 година, а двапати триумфираше и во Купот на кралот во 1995 и 2002 година. Клубот беше редовен учесник во Лигата на шампионите на почетокот од овој век, а најголемиот европски успех го оствари во 2004 година кога стигна до полуфиналето.
Особено се памети легендарниот пресврт против Милан, кога по поразот од 4-1 на првиот меч, Депортиво славеше со 4-0 во реваншот и сензационално се пласираше понатаму. Во минатото дресот на клубот го носеа големи имиња како Рој Макај, Диего Тристан, Џалмиња и Хуан Карлос Валерон.






