Кукс го сака Горан Силјановски, проблем е платата

Доскорешниот капитен на Работнички, Горан Силјановски, е мета на албански Кукс, а двете страни водат преговори околу можен трансфер.

Силјановски, кој има 30 години и знае да игра на десната страна и во одбраната и во средниот ред, беше еден од најстандардните играчи на Работнички за изминатата сезона во ПМФЛ. Одигра преку 2.500 минути на 28 натпревари, на кои даде еден гол и додаде уште четири асистенции, но и покрај тоа се раздели со прволигашот.

За услугите на Силјановски заинтересиран е албански Кукс. Интернет-страницата од земјата, „Панорама Спорт“, објави дека Кукс и Силјановски водат интензивни преговори за трансфер, меѓутоа, засега, она што кочи реализација е платата.

Силјановски добро го познава албанскиот шампионат со оглед на тоа што претходно го носеше дресот на Фљамуртари. Во ПМФЛ покрај за Работнички играше и за Ренова, Вардар и Македонија ЃП.