Крвта не е вода: Синот на Анчелоти ќе води француски тим во Лигата на шампиони!

Давиде Анчелоти е на чекор до преземање на францускиот Лил, каде би го добил својот прв самостоен тренерски ангажман во европскиот фудбал.

Според повеќе извори од Франција и Шпанија, клубот од Лига 1 постигнал договор со 36-годишниот италијански стратег, кој треба да го наследи досегашниот тренер Бруно Женесио.

Анчелоти, синот на легендарниот Карло Анчелоти, досега работеше како асистент во неколку врвни клубови, меѓу кои Реал Мадрид, Баерн Минхен, Наполи и Евертон, како и во стручниот штаб на бразилската репрезентација.

Неговиот прв самостоен тренерски ангажман беше во бразилски Ботафого, каде се задржа краток период, по што повторно се врати во националниот тим на Бразил како дел од тимот на неговиот татко. 

Лил, кој обезбеди настап во Лигата на шампионите за следната сезона, го гледа Анчелоти како профил кој може да донесе модерна фудбалска филозофија и нов почеток во проектот на клубот.