Крушевчани спремни за Брегалница: Очекуваме публиката да нè поддржи

Дуелот меѓу Питу Гули и Брегалница Штип е во фокусот на денешната второлигашка понуда. Главната причина е што крушевчани за првпат ќе бидат домаќини, но наместо во својот град ќе мора да играат во Прилеп. 

Причината е што стадионот „Езеро“ не ги исполнува докрај правилата на ФФМ, па на малиот стадион „Могила“, каде своите домашни натпревари ги игра Победа, Питу Гули ќе биде домаќин против лидерот Брегалница. 

„Засега работите се одбвиваат во најдобар ред. Имаме прекрасна атмосфера, засилувањата се одлични млади момци, поседуваат талент и сигурен сум во нивна одлична иднина. Никој не очекуваше победа во Кочани, цело Крушево е задоволно од тој исход. Има голем интерес за натпреварот со Брегалница и верувам дека ќе ги оправдаме очекувањата“, вели Оливер Велевски.

Јани Пажик исто така смета дека екипата е на вистински пат и покрај поразот oд Осогово.

„Веќе два месеци напорно работевме за настапот во Втората лига. Бевме одлични на дебито, сега ни следи првиот домашен натпревар, очекувам дека и публиката ќе ни даде потребна поддршка“.

И покрај тоа што натпреварот ќе се игра во Прилеп, голем број прилепчани ќе ја бодрат екипата во обид да ја изненади фаворизираната Брегалница.