Круниќ промовиран во Ц. Звезда: Си го исполнив детскиот сон!

Раде Круниќ кариерата ја продолжува во Црвена Звезда, а со српскиот клуб пак ќе настапува во Лигата на шампионите. Тој беше официјално презентиран во Белград и го имаше своето прво обраќање како нов играч на „црвено-белите“. 

Босанскиот репрезентативец нагласи дека е пресреќен што ќе заигра за Звезда, дури посочи во повеќе наврати дека тоа му е исполнување на детскиот сон.

„Се чувствувам магично бидејќи си го исполнив детскиот сон. Многу сум среќен и горд на себе поради тоа. Навистина не можам да дочекам да заиграм за Звезда и да истрчам пред полната „Маракана“. Еве и сега се ежам кога ќе помислам на навивачите. Сонував за тоа како момче, потоа и како човек и професионалец, а сега конечно се случува. 

Двојната круна е сосема реална, со оглед на тоа дека долго Звезда доминира во српскиот фудбал. Секако дека ја следев во настапите во Европа и првенствотот. Трофеите се обврска за овој клуб. Што се однесува до ЛШ, играме против елитата на европскиот фудбал, но со помош на публиката можеме многу“, изјави Круниќ.

Се очекува Круниќ да биде капитално засилување за Црвена Звезда, особено ако се знае дека пред Фенербахче играше пет години за италијанскиот гигант Милан.