• Горан Упале
Екипата на Брера со две победи ја отвора пролетната полусезона во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Струмичани по триумфот на гости кај Силекс во неделата беа убедливи против Македонија ЃП и со 3-0 впишаа нови три бода на своето конто.
Новиот тренер на Брера, Бојан Круљ, не го криеше задоволството од одиграната партија на неговите избраници и истакна дека овој тим не заслужува да се бори за опстанок.
„Сакам да им честитам на двете екипи за машката борба. Мислам дека натпреварот го отворивме многу добро, по првите триесет минути водевме со 3-0, потоа имавме благ пад, но во вториот дел се стабилизиравме. Имавме фудбалер помалку по десет минути во вториот дел и сигурно тоа внесе мал немир. Сепак, играчите кои влегоа од клупата покажаа карактер и дисциплина и тоа што јас го барам, 100% на секој натпревар, за да опстанеме во лигата.
Оваа екипа не заслужува да се бори за опстанок, има озбилен квалитет и важно е да бидеме вистински со пристапот на натпреварите и да освојуваме бодови во понатамошниот тек од првенството“, рече српскиот стратег.
Брера со победата над „лавовите“ се искачи на петтата позиција на табелата со 26 бода, но само пет бода повеќе од Вардар, кој е во „црвената“ зона.