Крстевски: Тестовите се добра увертира за стартот на циклусот за ЕП

Виктор Крстевски од Гостивар е еден од играчите кои се членови на У21-репрезентацијата на Македонија и е дел од новата младинска генерација. Пред пријателските натпревари со Ерменија и Малта во Скопје, тој истакна дека овие два дуели ќе бидат добра увертира за квалификациите за ЕП во кои Македонија У21 има доста силна група.

„Посакуваме на двата меча со Ерменија и Малта победа и да се покажеме најдобро. Имаме квалитет, се надевам дека ќе го покажеме на теренот и дека ќе ги оствариме посакуваните резултати. Овие две средби ќе бидат добра увертира за она што ни следи, а тоа се квалификациите за Европското првенство. Ќе играме на домашен терен, тоа ни е дополнителен мотив за да славиме. Иако сезоните тукушто завршија, тука сме да играме за националниот тим и не смее да има никакви изговори“, изјави Крстевски.

Првиот пријателски натпревар во јунскиот термин меѓу Македонија У21 и Ерменија У21 се игра утре (четврток) од 17:00 часот на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ при ФФМ.