Крстевски: Играме на секои три дена, но шампионската титула ни е мотив

Крилниот напаѓач на Шкендија, Ване Крстевски, говореше во пресрет на гостувањето во Кавадарци, каде тетовскиот тим ќе ги бара новите бодови во 28. коло од Првата македонска фудбалска лига против Тиквеш. Крстевски истакна дека натпреварите на секои неколку дена оставаат трага, но амбицијата за титулата е доволна мотивација за надминување на заморот.

„Свесни сме дека имаме напорен ритам со натпревари на секои три дена. Физичкиот замор е присутен, но кога се борите за шампионската титула, тоа не се чувствува. Подготвени сме за дуелот со Тиквеш и ќе дадеме максимум на теренот“, изјави Крстевски.

Тој се осврна и на поразот од Пелистер, нагласувајќи дека тимот извлекол поуки и веќе покажал реакција.

„Поразот ни помогна да ги согледаме слабостите и да работиме на нивно подобрување. Сега сме во фаза кога секој натпревар е како финале. Ќе се бориме до последната минута за да ги добиеме сите преостанати натпревари и титулата да ја вратиме во Тетово“, додаде тој.

Во однос на следниот противник, Крстевски предупреди дека не смее да има опуштање.

„Тиквеш е квалитетен и незгоден тим. Натпреварите против нив секогаш носат неизвесност и отворена игра. Ќе мора да бидеме максимално концентрирани, но нашата цел е јасна – да освоиме три бода“, потенцираше офанзивецот.

Фудбалерот зборуваше и за своето враќање на теренот по повредата, изразувајќи задоволство од моменталната форма.

„Зад мене е тежок период по операцијата, но сега се чувствувам одлично. На последниот натпревар одиграв целосни 90 минути и немав никакви проблеми. Постепено се враќам во ритам и ќе продолжам да се борам за своето место во тимот и да помогнам во клучниот дел од сезоната“, изјави Крстевски.

Натпреварот меѓу Тиквеш и Шкендија е закажан за петок со почеток од 15:00 часот.