Крстевски: Гостивар заслужува Прва лига, можеме како лидери до промоција

Екипата на Гостивар заврши со полусезоната доста успешно. Тимот е на првото место во Втората лига и важи за главен фаворит за влез во елитата наредната сезона. Клубот мина низ сите турбуленции, тие сега се минато.

Еден од најредовните играчи во Гостивар е Виктор Крстевски. Младинскиот репрезентативец на Македонија настапи на сите петнаесет натпревари во ВМФЛ, важи за играч со најмногу минути во составот на гостиварчани и искрено се надева на влез во ПМФЛ како најдобар на табелата.

„Одигравме една добра полусезона и според резултатите сме меѓу најдобрите. Можевме да освоиме повеќе бодови, за жал не успеавме, но како тим не мислиме веќе на тие натпревари туку гледаме напред. Овој Гостивар дефинитивно има квалитет за Прва лига.

Се наоѓаме на првото место и се надевам дека таму ќе останеме до крајот. Можеме да ја оствариме нашата цел ако играме како досега. Лично, настапив на сите натпревари, тоа ме радува и голема благодарност за тренерот Октај Дерелиоглу за довербата. Задоволство е да се игра во овој тим“, изјави Крстевски.

По четиринаесет одиграни натпревари во ВМФЛ, Гостивар е првопласиран без пораз. Има десет победи и четири реми исходи и 34 бода, еден повеќе од Вардар, а три повеќе од Воска Спорт.