Крстевски: Австрија ми дава многу, но сонувам за дресот на Македонија!

Младите спортисти се срцето на иднината на македонскиот фудбал – талентирани, посветени и гладни за успех. Преку серија инспиративни интервјуа под наслов „Нашите идни шампиони“, Powerade и Gol.mk организираат уникатна кампања посветена токму на нив.

Запознаваме осуммина перспективни млади фудбалери кои се веќе дел од репрезентативните селекции и најголемите домашни клубови. Со емотивни интервјуа, фотографии и лични приказни, ја откриваме човечката страна на спортот и ја истакнуваме важноста на поддршката што младите ја добиваат во најчувствителниот период од кариерата.

На ваков начин, Powerade не само што го промовира спортот, туку и активно помага во градењето на иднината на македонскиот фудбал. Следете нè и инспирирајте се од генерацијата што доаѓа.

Шестото име во овој серијал интервјуа доаѓа од Австрија. Поточно од Капфенберг. Се работи за 17-годишниот Петар Крстевски, кој произлегува од младинската школа на Пелистер од Битола, а во последните години активно игра фудбал на австриските терени и постигнува голови.

„Играм лево и десно крило. Почнав со фудбалот на шест години во Пелистер, а до мојата тринаесетта година бев таму, како стартер и капитен. Започнав со фудбалот како дете, во школските дворови. Татко ми ме носеше на фудбал и ме запиша во Пелистер. Минав осум години таму, освоивме многу трофеи, ама не беше лесно... Не потекнувам од фудбалско семејство, едниот дедо ми играше за Победа во минатото, останатото нема поврзаност со фудбал“, ја започна својата приказна Крстевски.

Младиот играч посочи повеќе потешкотии со кои се соочувал на почетоците на својата кариера.

„Не беше лесно од аспект што се менуваа повеќе тренери, на секои неколку месеци имавме нов човек за работа. Немаше и лига во која можеше да се натпреварувам. Кога наполнив 14 години, семејството реши дека е најдобро да одиме во Австрија и за спортскиот пат, но и за образованието и иднината. Заминавме сите, се распрашавме каде има интерес за млади фудбалери, ни дојде одговор од Виена и така почна сѐ. Уште живееме во Виена, но наскоро ќе се селам“, додава тој.

Кариерата во Австрија ја започна во 2021 година, во тимот на Ред Стар Пензинг. Мина две сезони во овој клуб, а потоа следеа промените заради напредокот и годишните категории.

„Прво бев во екипата на Ред Стар Пензинг, таму играв за У14 и У15. По две сезони заминав во Виенер Спорт Клуб, а откако станав капитен и дадов над 25 гола, дојдоа од Хорн, клуб од втората Бундеслига на Австрија. Таму играв со постарите, а по 22 постигнати гола следеше понуда од Капфенберг. Се работи за екипа која е исто така дел од Втората лига, лани беа на втората позиција. Веќе имам стан во Капфенберг, наскоро ќе живеам таму сам затоа што морам да заминам и да се посветам на тамошните обврски“, ни раскажа младиот фудбалер.

Досега, Петар Крстевски само еднаш бил дел од репрезентацијата. Тоа беше пред две години, кога тогашниот селектор Раде Каранфиловски го повикал да биде дел од кампот за контролни дуели со Австријците. Младиот играч ни раскажа како е да се тренира во Австрија и што е поразлично од Македонија. Јазикот брзо го совладал, го чувствува како да му е мајчин.

„Овде е многу подисциплинирано за разлика од кај нас, сите се концентрирани на своето. Во Македонија не е баш така. Многу деца седат до доцна навечер, додека тука има план и на секого се внимава. Многу е важно да си добар и како личност, затоа што тренерите те суспендираат ако не си дисциплиниран, ако доцниш, ако не си сериозен. На пример ако доцниш на видео-анализа една минута, ќе добиеш казна. За мене германскиот јазик е исто како да зборувам македонски, веќе го научив и се вклопив многу брзо. Кога дојдов тука во првиот клуб, имаше многу Балканци, работев и со двајца Македонци од Академија Пандев. Но, се вклопив, исто е како да сум роден тука сега“, раскажа битолчанецот.

Најголема поддршка низ фудбалскиот пат му е семејството, а голема благодарност, младиот Крстевски има за Сеад Бибиќ, негов поранешен тренер, а сегашен застапник.

„Во Австрија сум со целото семејство. Најголема поддршка се тие, најмногу мојата сестра која е заедно со мене цело време. Таа е родена во 2004 година и е многу голем фактор во мојата досегашна кариера. Пред три недели потпишав договор со Сеад Бибиќ, кој е мој менаџер и застапник, а поранешен тренер. Тој на мене остави голема трага како играч и многу почитувам се што направи за мене. Секогаш ми дава поддршка, ми дава план за индивидуални тренинзи, за исхрана...“, открива.

Негов фудбалски идол е ѕвездата на Реал Мадрид, а навива за Милан, клуб за кој сонува еден ден и да заигра.

„Омилен фудбалер ми е Килијан Мбапе, затоа што играме на иста позиција. Навивам за Милан, тоа е мојот омилен клуб, заради татко ми. Тој од мали нозе ме научи да го сакам овој клуб, заедно бевме и на „Сан Сиро“ пред некое време и сакам еден ден да заиграм за Милан ако можам.“

Која е желбата на Петар Крстевски за иднината? Да биде успешен фудбалер, да заигра за Македонија, но и да го заврши образованието.

„На спортски план, желба ми е еден ден да заиграм за Македонија, дај Боже да се оствари тоа. На личен план, да го завршам училиштето, да матурирам. Моментално учам Академија за Бизнис. Тоа трае пет години и сакам да имам и добро образование. Одам на училиште редовно, но некои денови имаме помалку часови заради тренинзи. Имам комбинација на образование и спорт, затоа што училиштето соработува со клубовите за спортистите.“, заврши тој.