Крстески: Ако сакаме промоција во ПМФЛ, подготовките се многу важен период

Второлигашот со најголема традиција во западната група, битолски Пелистер денес со состанок и лесен тренинг означи старт на подготовките. Иако сме навикнале да гледаме подобар, подобро екипиран и играчки посилен Пелистер, од клубот веруваат дека и овој тим има енергија за остварување на целта.

Тренерот Дарко Крстески, кој минатата сезона заврши голема работа, откри како ќе се подготвуваат пелистерци.

„Денес и утре планираме полесен тренинг, но од петок започнуваме со двојна тренинг сесија секој ден. Ако сакаме промоција во ПМФЛ, подготвителниот период е многу важен. Пелистер ќе се подготвува во Битола, закажани се пет пријателски натпревари, веројатно сите во Охрид“, смета Крстески.

Дел од ростерот на Пелистер во новата сезона се искусни фудбалери како Главевски, повратникот Маневски, Благоја Љамчевски, Наумоски. Сепак, предвидени се уште неколку засилувања по кои ќе биде формиран тимот кој ќе јуриша кон промоција во Првата лига.