„Крос повеќе не е класа, неговите додавања се бавни и прочитани“

Легендата на германскиот фудбал, Лотар Матеус, вели дека фудбалерот на Реал Мадрид, Тони Крос одигра многу лошо на Европското првенство, каде Германија беше елиминирана од Англија уште во осминафиналето.

По завршувањето на континенталниот собир искусниот играч за врска потврди дека се повлекува од репрезентацијата и своето место им го препушта на помладите.

„Крос повеќе не е меѓународна класа. Немам ништо лично против него, но не се согласувам со начинот на кој играше. На ЕП видовме дека не е сè во брзината на играчите, туку и во брзината на топката. Тој е добар на еден или два допира, но кога ќе ја додаде топката, тој повторно губи брзина, бидејќи со топката не освојува простор, а додавањата му се бавни“, рече Матеус.

Претходно, во изјава за германските медиуми и Ули Хенес испрати остри зборови кон Крос.

„Начинот на кој Крос игра фудбал е минато. Тој постојано нафрлува, а противничката одбрана ги чита неговите намери. Можеби виновен е и Лев со својата формација, но дефинитивно нема место за Крос во овој фудбал, вели Хенес.

31-годишниот Крос од 2014 година е член на Реал Мадрид, а претходно ги бранеше боите за Баерн Минхен. За Германија одигра 106 натпревари и постигна 17 голови.