Крос: Јасно беше дека нема да биде лесно, но имаме за што да бидеме позитивни

Тони Крос

Реал Мадрид се пласира во уште едно полуфинале во Лигата на шампионите. По победата на домашен терен, фудбалерите на Зинедин Зидан одиграа тактички и по натпревар без голови на „Енфилд“ го прославија големиот успех.

По мечот за медиумите зборуваше Тони Крос кој смета дека ваков тип на предизвик е очекуван во оваа фаза од елитното натпреварување.

„Реваншот дефинитивно беше напорен за нас. Ни недостасуваа подолгите фази на посед на топката за да обезбедиме малку повеќе смиреност, безбедност и контрола. Тоа е дел од ваквите натпревари. Oва е четвртфинале во Лигата на шампионите во Ливерпул. Беше јасно дека нема да биде лесно“, рече германскиот интернационалец.

Последна пречка пред големото финале во Истанбул за „кралевите“ ќе биде Челзи на Томас Тухел, кој го елиминира Порто.

„Мислам дека севкупно сме добро расположени и можеме да гледаме многу позитивно на она што ни доаѓа. Ако продолжиме со формата од последните неколку недели, имаме добри шанси да се пласираме во финалето“, смета Крос.

Првите полуфинални средби се закажани за 27/28 април, а реваншите ќе се одиграат една недела подоцна на 4/5 мај.