Кројф уште во 2012 броеше до седум и на светот му порача: Меси е незапирлив

Долго време доделувањето на „Златната топка“ не предизвика толку полемики како оваа година, откако за престижната награда голема „битка“ водеа Лионел Меси и Роберт Левандовски.

На крај, за многумина незаслужено, признанието за најдобар фудбалер во 2021 година му припадна на Аргентинецот, кој стана рекордер со седум вакви награди во кариерата.

А дека Лионел Меси толку долго ќе доминира кога е во прашање оваа награда, најави славниот Јохан Кројф во 2012 година, кога во пресрет на третата „Златна топка“ во рацете на Аргентинецот, даде интервју и уште тогаш броеше до седум.

„Меси ќе биде фудбалерот кој ќе освои најмногу „Златни топки“ во историјата. Веројатно ќе има пет, шест или седум. Тој е незапирлив“, изјави тогашниот творец на моќната Барселона.

Фановите на Меси секако се свесни дека крајот е блиску, бидејќи тој има 34 години и она што го покажува на теренот од неговото доаѓање во Пари Сен Жермен не е исто со она што го правеше во дресот на Барселона.