Кризата нема крај: Челзи пет меча без гол и петти пораз во Премиер! (ВИДЕО)

Екипата на Брајтон запиша убедлива победа над Челзи од 3-0 (1-0) во рамките од 33. коло на Премиер лигата, продлабочувајќи ја кризата на лондонскиот гигант.

  • Извештај од натпреварот:

Домашниот тим беше подобар ривал од самиот почеток и поведе по само три минути игра, откако Кадиоглу го совлада Санчез и донесе радост на трибините на „Амакс“. Брајтон продолжи со иницијативата и во вториот дел, а тоа вроди со плод во 56. минута, кога Џек Хиншелвуд стрелеше за 2-0. Точка на победата на Брајтон стави ветеранот Дани Велбек во судиското надополнување.

Челзи повторно разочара и одигра уште еден блед натпревар, без вистинска идеја во нападот. За „сините“ ова беше петти пораз во низа, а дополнително загрижува фактот што веќе пет натпревари по ред не успеваат да постигнат гол. Ваква катастрофална серија Челзи последен пат имаше пред 114 години, односно во 1912 година.

Кризата во Челзи очигледно се продлабочува, додека Брајтон продолжува со одличните изданија и со оваа победа го престигна токму денешниот ривал и сега е на шестата позиција.